Ниту регионот ниту Европа во овој момент не се подготвени да се справат со безбедносните предизвици од евентуална нова мигрантска криза, а главна причина за тоа е немањето политичка волја, смета научната јавност. Коментирајќи ги податоците изнесени од унгарскиот премиер Орбан на партиската средба со раководството на ВМРО ДПМНЕ деновиве во Охрид, дека низ регионот во наредните години ќе поминат 60 милиони мигранти, експертите истакнуваат дека тоа е далеку од реалноста и предупредуваат да не се шпекулира со ова прашање и да не се преувеличуваат бројките.
-Тоа е некаква имагинација. Бројките се неточни и несоодветствуваат со реалноста. Морам да кажам дека земји како Унгарија, Полска Чешка се покажаа како многу некооперативни кон овој проблем и дека можеби поради нив настанаа толку големи проблеми за Европа во справувањето со мигрантите. – вели Вемунт Арбаке, универзитетски професор од Грција.
Според експертите Балканската мигрантска рута се’ уште е активна, иако има малубројни движења, но превентивно регионот треба да остане буден и да подготви заеднички одговор како во делот на безбедноста, така и за хуманитарниот аспект на кризата. Тие посочуваат дека е неопходна сериозна реформа на македонскиот безбедносен систем и тука најмалку треба да има простор за политика и политиканство.
-Во однос на безбедносниот систем и неговата функционалност во Република Македонија, се констатираа бројни слабости во делот на системот за управување со кризи, јавната безбедност и во услови кога е отворен процесот на реформи во безбедносниот систем вистинско време е да одговориме што му треба на безбедносниот систем, а воедно прашањето на мигрантите да не се злоупотребува во политички цели. – рече Доц.д-р Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност-Скопје.
Во Охрид денеска започна со работа Регионалната школа за безбедност „Прекугранична соработка во соочувањето со заедничките безбедносни предизвици од мигрантите“, во организација на Факултетот за безбедност Скопје, Фондацијата „Конрад Аденауер”, Вилфред Мартенс центарот за европски студии и Центарот за истражување и креирање политики на која учествуват професори и студенти од Република Македонија, Република Грција и Република Бугарија. Според учесниците движењето на бегалците ќе се стави под контрола доколку се одржуваат добрососедски односи и се подобри соработката помеѓу властите, се воспостави ефикасна гранична контрола и има политичка стабилност во секоја земја од регионот.
Г.М.












