Експертите на УНЕСКО утрово ја започнаа својата мониторинг – советодавна мисија во Охрид. Серијата најавени работни средби започна со посета на управната зграда на Националниот парк Галичица, каде членовите на мисијата зад затворени имаа средба со раководството на јавната установа. На средбата присуствува и претставници на Владата на РМ.

Токму активностите на ЈНУ НП Галичица која на барање на владата покрена постапка за измена на планот за управување беа мета на критики на невладиниот сектор, но и на експертите на УНЕСКО кои на седницата на Комитетот за светско наследство одржана во Истанбул минататиот јули, изразија загриженост дека најавената реализација на државните проекти за изградба на експресен пат, ски центар и туристички развојни зони во националниот парк Галичица, може да го загрозат статусот на Охридскиот регион кој е прогласен за светско природно и културно наследство. Но управата на националниот парк не ја дели таквата загриженост.

– Искрено кажано тоа е релативно, затоа што добар дел од проектите нудат на Охрид економски развој и просперитет. НП Галичица при донесување на планот за управување се држи до позитивните закоски одредби и норми. – изјави Зоран Велјаноски, директот на НУ НП Галичица.

Експертите на УНЕСКО по двочасовната средба со управата на НП Галичица на која присуствуваа и претставници на владата си заминаа без да дадат изјава. Предмет на нивно интересирање како што информираа домаќините на средбата бил планот за измена на управувањето со националниот парк што треба да овозможи реализација на владините проекти. Министерството за животна средина во јануари оваа година даде зелено светло за стратегиската оцена за влијание врз животната средина, со што се овозможува да бидат донесени измените во планот за управување на паркот. Истата поради забелешки на стручната јавност и екологистите беше повлечена во 2015 и преработена со учество на странска консултантска куќа. Какви забелешки на нацрт планот за управување изнеле експертите на УНЕСКО од националиот парк засега не откриваат.

-Во овој момент не можам да ви кажам за што се однесуваат, но сите оние забелешки коишто ќе произлезат од мониторинг мисијата ќе бидат внесени во планот за управување. – рече Велјаноски.
Мисијата на УНЕСКО денеска ги разгледува локациите каде е предвидена урбанизација или веќе се гради во НП на планината Галичица која е живеалиште на 260 заштитени ендемски видови флора и фауна, од кои дел се на листата на загрозени.

Експертите на УНЕСКО утре ќе остварат средби со претставници на Заводот и Музеј, Локалната самоуправа и со невладиниот сектор и еколошки организации.

Г.М.