Нема индиции повторно да биде „отворена“ таканаречената западнобалканска бегалска рута, но не се исклучува со подобрување на временските прилики да зачестат обидите за илегален премин на јужната граница, велат од Меѓународниот центар за развој на миграциска политика и МВР. Според Михаел Шпинделегер – Директор на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика земјава е подготвена да се соочи со евентуален бегалски бран бидејќи ги има преземено неопходните мерки за заштита.
Има многу луѓе во Турција и во конфликтините зони во Авганистан и Блискиот исток кои би сакале да поминат од тука кон Европа по западнобалканската рута. Од наша страна нема предлози до вашата влада да се градат бегалски кампови, но секако доколку сакате да се справите успешно со евентуална бегалска криза треба да донесете одлуки во иднина, но нив треба да ги донесе владата на Северна Македонија. – истакна Шпинделегер.

Ние имаме два кампа, едниот е Винојуг – Гевгелија, а вториот кај Табановце, Куманово. И двата се за краток временски престој, коишто функционираат и во овој период и Македонија во ниту еден момент нема да гради дополнителни кампови за било каква мигрантска криза, затоа што ние работиме исклучиво во овие транзитни центри каде транзитираат мигрантите. -рече Спасовски.

Министерот Спасовски денеска во Охрид учествуваше на 72 состанок на Управната група на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика, со која раководи нашата земја.
Г.М.















