Нема индиции повторно да биде „отворена“ таканаречената западнобалканска бегалска рута, но не се исклучува со подобрување на временските прилики да зачестат обидите за илегален премин на јужната граница, велат од Меѓународниот центар за развој на миграциска политика и МВР. Според Михаел Шпинделегер – Директор на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика земјава е подготвена да се соочи со евентуален бегалски бран бидејќи ги има преземено неопходните мерки за заштита.

Има многу луѓе во Турција и во конфликтините зони во Авганистан и Блискиот исток кои би сакале да поминат од тука кон Европа по западнобалканската рута. Од наша страна нема предлози до вашата влада да се градат бегалски кампови, но секако доколку сакате да се справите успешно со евентуална бегалска криза треба да донесете одлуки во иднина, но нив треба да ги донесе владата на Северна Македонија. – истакна Шпинделегер.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски уверува дека државата ги презема сите неопходни мерки за заштита на своите граници и нема намера да гради бегалски кампови на своја територија, дотолку повеќе што нема никакви најави за нова бегалска криза.

Ние имаме два кампа, едниот е Винојуг – Гевгелија, а вториот кај Табановце, Куманово. И двата се за краток временски престој, коишто функционираат и во овој период и Македонија во ниту еден момент нема да гради дополнителни кампови за било каква мигрантска криза, затоа што ние работиме исклучиво во овие транзитни центри каде транзитираат мигрантите. -рече Спасовски.

Спасовски посочи дека во текот на 2015 и 2016 година низ територијата на Северна Македонија транзитираа околу 800.000 мигранти од кризните подрачја на Блискиот Исток, северна Африка но и од Средниот Исток. Со затворањето на т.н. западнобалканска рута постојано има обиди за нејзино оживување, но податоците за 2018 година укажуваат на зголем број на обиди за илегално преминување на јужната граница, а зголемен е и бројот на откриени мигранти, но тој тренд во првите месеци од 2019 година бележи намалување, истакна Спасовски.

Министерот Спасовски денеска во Охрид учествуваше на 72 состанок на Управната група на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика, со која раководи нашата земја.

Г.М.