Измените во Планот за управување со Националниот парк „Галичица“, на барање на државата, со кои 395 хектари од зона на активно управување ќе бидат пренаменети во зона за одржливо користење за да се овозможи изградба на ски центар, експресен пат и три туристички развојни зони, ќе имаат негативни последици врз целокупната природа, а погодени ќе бидат и неколку ендемски видови флора и фауна кои егзистираат единствено тука, предупредуваат експертите.
Тие укажуваат дека евентуалната изградба на експресен пат ќе го подели националниот парк и ќе ги прекине природните патишта на животните, а зголемената фрекфенција на луѓе и возила ќе предизвика огрома бучава и вознемирување на целиот жив свет.
-Изградбата на патот на планината Галичица претставува голем градежен проект со големи негативни влијанија врз растителниот и животинскиот свет и врз целиот еко систем на Охрид и Преспа. Тоа е пат кој според еколозите е непотребно голем, широк е 20 метри и има должина од 30 километри. Огромна површина која ќе биде ставена надвор од функција на природата, која всушност ќе претставува граница на национален парк под пат и национален парк над пат, што не може да се случува во национален парк. Со изградбата на овој пат ќе се прекинат комуникации кои сега постојат, односно ќе се попречи движењето на животните кон езерото и низ планината. – вели Д-р Трајче Талески, научен работник и експерт.
Д-р Трајче Талески
Познатата алпинистка Илина Арсова, голем вљубеник во природата и одличен познавач на планината Галичица, смета дека изградбата на ски центар во националниот парк е голема грешка и економнски неоправдана инвестиција.
-Таму веќе имаме пример за пропадната инвестиција во близина на Лаки сигној врвот, каде тие жичари профункционирале многу кратко, поради тоа што на тоа место, висина и западна страна снегот не се задржува премногу долго.– рече Арсова.
За Арсова неприфатлива е и идејата ски центарот на Галичица да функционира на вештачки снег со помош на снежни топови кои со вода евентуално би се снабдувале од Охридското Езеро.
-Тоа е огромна инвестиција на погрешна локација и по мене нема да функционира и нема да има ефект, затоа што сите скијачи знаат дека не е исто да се скија на природен и на вештачки снег, а имаме природен снег во изобилие особено на планини кои што не се заштитени и не се национален парк.-вели Арсова.
Илина Арсова
Според неа многу подобро за развојот на туризмот во Охрид ќе биде да се зачува природата на Галичица и планината да се промовира како дестинација за слободно скијање – „Freeride Ski“, кое е се попопуларно во светот.
-Како туристички работник во последните 10 години со искуство од пет континенти можам да кажам дека новите трендови се се’ повеќе пријателски настроени кон природата. „Freeride“ скијањето не бара голема логистика, односно ски центар, тоа е многу здрава и многу добра физичка и социјална активност, каде луѓето пешки се искачуваат на планина и потоа се спуштаат со скијање од неа. Тоа се огромни трендови, а Македонија е многу атрактивна за таков вид на скијање. Минатата година 5-6 новинари пишуваа за потенцијалите на Македонија за слободно скијање, а годинава исто така ќе дојдат новинари од странство кои се заинтересирани за нашите планини затоа што не се опасни како алпите, туку се умерени, а имаат природен пејзаж и богатство.-вели во изјава за „OhridNews“ Илина Арсова.
Загриженост од најавените проекти на Галичица, особено за скијачкиот центар изрази и УНЕСКО под чија заштита е културното и природното богатство на Охрид. Забелешките се нотирани во официјалниот извештај од 38-та конференција што минатата година се одржа во Катар.
„Сметаме дека планираната изградба на ски центраот на Галичица, ќе има значителни директни и индиректни влијанија врз природата и затоа бараме државата да го запре проектот, се додека не се наприви комплетна стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина и истата не се разгледа.“ – стои во официјалниот извештај на УНЕСКО од 38 конференција одржана во Катар во 2014 година.
Деновиве беше презентирана стратегиската оцена за влијанието врз животната средина на предлог измените на планот за управување на НП Галичица, што ја изработи Градежниот институт „Македонија“. Во неа се предупредува на можните последици врз почвата, подземните води и природните живеалишта, како и на опасноста од нарушување на пејзажноста и автентичниот амбиент и загрозување на културното богатство во регионот. Од друга страна се посочува високата стапка на невработеност и потребата од реализација на проекти кои ќе иницираат економски развој, но и дека е неопходно да се извршат дополнителни анализи пред да се направат било какви измени во паркот.
Горан Момироски

















