Нов образовен курикулум за тренери во различни спортски образовни институции кои работат со лица со попреченост ќе понудат експертите од Интернационалниот Тренинг Курс од Лајпциг (ITKLeipzig) при Универзитетот во Лајпциг, кој е во тесна врска со спортското друштво ИТК Македонија од Скопје. Овој викенд, со заеднички сили, беше организиран Интернационален симпозиум со наслов „Including Inclusion“ во Охрид.

На симпозиумот, исто така, беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Факултетот за спортска наука од Лајпциг, Германија и Факултетот за Физичка култура, спорт и здравје од Скопје, Македонија за официјална соработка во различни сфери од спортот и инклузијата на лицата со попреченост. Земјите учеснички во проектот, во текот на викендот , ги презентираа резултатите од реализацијата на проектот, врз основа на што беше дизајнирана и потврдена потребата за обука на тренери во спортот за лица со попреченост.

Со овој настан покажавме дека и нашата земја има идеи и креативни умови кои на различен начин придонесуваат за спортот и инклузијата во сите сфери од животот. Одењето едно скалило погоре и професионализирање на струката е од клучно значење. Ние го користиме спортот како алатка за остварување на нашите цели, рече Мартин Мојсовски, претседател на спортското друштво ИТК Македонија – Скопје.

Неговата колешка Симоне Цимерман, од Универзитетот во Лајпциг, повеќе од 25 години е одговорна за обука на студенти во областа на спортот за лица со попреченост.

Ме интересира што нашите алумни постигнуваат во нивните матични земји по завршување на постдипломските студии, каква инспирација добија од Лајпциг и какви потреби имаат во нивната работа дома. Затоа бев воодушевена што бев дел од работната група за проектот на Германскиот Сервис за Академска размена (DAAD) „Icluding Inclusion“. Симпозиумот во Северна Македонија беше добра можност да се презентираат првичните резултати од заедничкиот проект во кој учествуваа пет алумни од пет различни земји. И беше интересно да се вклучам во дијалог со засегнатите страни и луѓето заинтересирани за работа во спортот со лица со попреченост, додава Цимерман.

Овој симпозиум претставува завршен настан на ИТК Лајпциг Алумни групата од проектот “Including Inclusion” (Вклучувајќи ја инклузијата). Целта на проектот беше да се развијат холистички инклузивни спортски курикулуми за тренери и наставен кадар и да се етаблираат одржливи инклузивни и пара-спортски активности. Македонија во овој проект е студија на случај претставувајќи повеќе успешни и континуирани активности.

На конференцијата покрај македонските учесници, учествуваа и гости од Германија, Јамајка, Алжир, Перу и Того.

OhridNews