На научната конференција на тема „Безбедноста, еколошката безбедност и предизвиците на Република Македонија“, освен македонските, учествуваат и претставници од соседните земји. Конференцијата е во организација на Факултетот за безбедност од Скопје.
На дводневната средба учествуваат експерти од областа на безбедноста чии трудови веќе се наоѓаат во Зборникот на конференцијата.
На Конференцијата ќе се дискутира пред се за безбедносни прашања од научен аспект, безбедноста на Република Македонија, но и регионот на ЈИЕ, како и перспективите на Македонија во евроинтеграциските процеси. Значен дел од собирот претставува еколошката безбедност, како посебна целина во чии рамки е предвидена презентација на поголем број трудови.
Нема да изостанат и дискусии по прашањата околу криминалитетот како трговијата со дрога, оружје, илегална трговија со луѓе, кои значајно влијаат врз општата безбедност на државата.
Заклучоците од средбата ќе бидат доставени до надлежните институции, со цел да се помогне во справувањето со актуелните безбедносни предизвици со кои се соочуваат современите општества.