Албанските погранични служби од Поградец деновиве со засилени контроли на забраната за риболов на охридската пастрмка во Охридското Езеро, при што биле откриени поединечни случаи на нелегален риболов, за што се изрекуваат казни од високи парични глоби се до кривичен прогон, објави весникот на албански јазик „Експрес“.
Истиот извор наведува дека Граничната полиција во соработка со другите служби за спроведување на законот и со рибарската организација во Поградец, интензивно ја следи забраната за риболов на охридската пастрмка во декември и јануари – период што се совпаѓа со нејзиното мрестење.
Во текот на декември вообичаената слика е рибарските чамци да стојат превртени долж брегот на Охридското Езеро, бидејќи риболовот на охридската пастрмка е строго забранет во овој и наредниот месец. За разлика од претходните години, оваа година забраната во голема мера се почитува, како резултат на зголемената свесност и построгата контрола, што го потврдуваат и заедничките инспекции со рибарската организација во Поградец, пишува „Експрес“.
Забраната се одрази и на пазарот, каде моментално има недостиг од свежо уловена пастрмка.
Во овој период на албанска страна 70 овластени рибари смеат да собираат икрa од пастрмка. Тaa се третира во инкубаторот во Лин, а наесен младите пастрмки се враќаат во езерото, како дел од процесот на вештачко порибување на Охридското Езеро, пишува „Експрес“.
OhridNews













