Предлог измените на Планот за управување со Национален парк Галичица за периодот 2011-2020 година предвидуваат промена на зоните во паркот од активно управување во одржливо користење. Со предвидените измени 395 хектари од националниот парк кои во најголем дел сега се наоѓаат во зона на активно управување на Националниот парк, ќе бидат пренаменети во зона за одржливо користење. Ова се посочува во нацрт Извештајот за стратегиска оценка за влијание на животната средина на Предлог измените на Планот за управување со Национален парк Галичица, кој денеска го презентираше Градежниот институт „Македонија“.

-Тоа значи понатаму можност за примена на одредени развојни проекти предвидени од Владата со соодветни мерки.-истакна Д-р Борка Ковачевоќ од Градежниот институт „Македонија“.

Измените во управувањето на Националниот парк, кои ги иницираше владата, треба да овозможат изградба на три туристички развојни зони, една во охридско Љубаништа и две во Преспа, како и изградба на експресен пат од Охрид до границата со Албанија и ски центар на Галичица. Ковачевиќ посочи дека се анализирани влијанијата врз сите медиуми од областа на животната средина и истите треба да бидат имплементирани заради одржлив развој, односно заради развојот на економијата со социо-економските карактеристики на општина Охрид.

-За да се развијат овие проекти потребни се ваквите измени, меѓутоа треба да се применат мерките на заштита на подрачјето кога тие од развојни проекти би преминале во една реална состојба.-рече Ковачевиќ. Таа појасни дека извештајот ги анализира заедничките влијанија врз паркот и што треба да се преземе. Според неа треба да се преземат соодветни мониторинзи пред конкретно да бидат испланирани проектите кои ќе се реализираат во Националниот парк Галичица, да се следат биодиверзитетот и живеалиштата, бидејќи недостасуваат таквите анализи во претходните планови, а истите се неопходни за да се потврди можноста за изведба на овие развојни проекти.

-Можен е одржлив развој со примена на мерки на заштита на културно-историското богатство и природата во овој предел кој е прогласен за национален парк и е под заштита на УНЕСКО.-додаде Ковачевиќ.

Во експертската анализа се укажува на можните последици врз почвата и подземните води, загрозување на природните живеалишта на четири ендемски видови флора и фауна, нарушување на пејзажноста и автентичноста на амбиентот, како и загрозување на културното богатство во регионот. Од друга страна се наведува дека во регионот постои висока стапка на невработеност и има потреба од модернизација на патната инфраструктура, односно од економски развој, но исто така неопходно е да се извршат дополнителни истражувања пред да се направат било какви измени во паркот.

Екологистите сметаат дека извештајот јасно укажува на негативните последици од реализација на предвидените проекти и бараат од надлежните институции сериозно да ги имаат предвид искажаните забелешки.

-Ова е прв пат стратешка оцена за влијание врз животната средина да даде негативна оцена на проектите кои е планирано да се реализираат на Галичица, така што очекуваме од надлежните, односно од националниот парк, општината и министерството за животна средина да ги прифатат тие препораки и да се испочитуваат принципите на меѓународна консултација и да се воспостави комуникација со Албанија, а дополнително да се консултира УНЕСКО во однос на заштитата на Охридското Езеро.-рече Александра Бујароска од невладината „Фронт 21/42“.

Националниот парк Галичица во декември 2010 година за прв пат донесе десетгодишен план за управување за периодот 2011-2020 година, во кој се регулираат според зони активностите во паркот. Тие што се најбогати со живеалишта имаат најголеми рестрикции и таму важат посебни правила. По барање на владата националната устанува пристапи кон измени на планот за управување за реализирање на предвидените проекти, бидејќи дел од нив навлегуваат во зони каде согласно закон не се дозволени такви активности.

-Целта е со изготвување на тие измени и студијата за стратегиска оцена да кажеме што и како ќе биде засегнато од природното богатство и кој проект какво влијание ќе има. – истакна Д-р Оливер Аврамоски – раководител на секторот за зачувување на природата во НП Галичица.

Тој рече дека е неизбежно влијание со реализација на најавените проекти врз некои видови флора и фауна, а коишто се ретки.

-Тие имаат мали популации за кои ќе треба да се бара решение, исто така дел од живеалиштата кои се заштитени со закон и европските директиви би биле засегнати, но во оваа фаза не може да се зборува за детали затоа што проектите не се на ниво на идејни решенија или изведбени проекти и немаме точни податоци колкава површина ќе биде засегната.-додаде Аврамоски.

На јавната расправа присуствуваа експерти, претставници на националниот парк, локалната самоуправа, екологисти, невладини организации, заинтересирани граѓани и претставници на надлежни институции од Македонија и Албанија. Извештајот за стратегиска оценка за влијание на животната средина на Предлог измените на Планот за управување со Национален парк Галичица ќе биде дополнет со забелешките од јавната расправа и ќе биде доставен до Министерството за животна средина, кое понатаму треба да даде согласност во врска со реализацијата на предвидените проекти во националниот парк Галичица.

Горан Момироски