Експропријациите на градежно земјиште голем проблем на општината. Советниците од опозицијата на вчерашната седница на Совет посочија дека има голем број случаи за кои треба да се носат одлуки, но треба да знаат и по кој приоритет се носат истите. Потенцираа дека при издавањето на градежни дозволи мора да се внимава за обезбеден пристап до објектите. Секретарот на општината, Александар Китески, рече дека биле издавани одобренија за градби на згради без да постои финансиска оправданост.

Постојат преку 300-400 случаи во Охрид, рече советникот Костоски и посочи дека советниците треба да имаат увид по кој приоритет се носат одлуките за експропријација.

Беше ветено дека на следните седници ќе ни се достави програма за приоритет за експропријација на земјишта во Општина Охрид. Таков програм немам видено. Требаше наназад да видиме. Треба да имаме еден список што е приоритет за експропријација, да го знаеме ние однапред. Сега вака вршиме експропријација на едно сокаче, а на соседното што е ист таков случај не вршиме. За да немаме пак случаи како претходно, кога истиот сокак кој завршувал како слеп, до пола е експропреиран од пола не. Многу има предмети за експропријација каде поминува пат кој е многу поважен од едно сокаче, но иако е приватен патот е асфалтиран и си поминуваме сите, а граѓаните се обесправени, односно не е извршена експропријација на тие места, истакна Костоски.

Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, истакна дека за ова е разговарно и претходно и дека експропријациите се голем проблем на општината.

На следната седница ќе ви биде доставена програмата. Меѓутоа по однос на истата, најголем проблем се оние каде требало да се спроведе постапка за експропријација пред да се издаде одобрение за градба, рече Китески, наведувајќи го и примерот со зградата спроти Пожарната станица каде нема пристап.

Посочи дека било издадено одобрение за градба, но, пристапот од главата улица до зградата не бил експроприиран. Во овој случај инвеститорот, вели, има платено комуналии 85 илјади евра, а проценката за експропријација на пристапот е 150 илјади евра.

Ова се проблеми кои требале да се решаваат кога се издавале одобренија за градба. И ова не е единствен случај.  Овде станува збор за објект каде пристапот е од земјиште кое е сопственост на соседна зграда. Мора да се води сметка кога се издава одобрение за градба да се обезбеди пристап. Зошто ние сега сме соочени со ситуација да добиеме тужба, бидејќи сме издале одобрение, а нема пристап. Треба да процените доколку давате одобрение да видите каква е состојбата. Не треба да се дозволува да се издаваат одобренија каде не е решен пристапот и каде проблемите доаѓаат отпосле. Доколку средствата што се предвидени за уредување на градежното земјиште се повисоки од оние што треба да се платат како комуналии во тој случај пред да се издаде одобрение ќе бараме начин да се зголеми цената за да има финансиска исплатливост. Очигледно се издавале одобренија за градби на згради без да постои финансиска оправданост, додаде Китески.

Костоски, пак, потенцираше дека не може градоначалник ако има донесено план да не издаде дозвола, а грешката, според него, се прави кога се носат урбанистичките планови, при тоа посочувајќи дека тогаш се гледа колкав е очекуваниот ефект од комуналиите и пристапните патови. Јасно е дека мора да се урбанизираат населбите, додаде Костоски, но, вели, не по секоја цена и не со згради.

На седницата советниците расправаа и за урбанистичките планови за урбаните заедници 6 и 12, каде од опозицијата беше посочено дека нема да гласаат за истите посочувајќи дека Охрид се соочува со градежна агресија.

Во УЗ 6 станува збор за делот од десната страна од ОУ „Братство Единство“ до Отекс, Букли сокак, улицата „Марко Нестороски“…, носиме еден план во кој имаме предвидено доста станбени згради. Инфраструктурата се тесни улички. Таму се куќи од кои 20-30% не се ни населени или се помошни објекти. Сега кога ќе направиме тука згради П+3, П+4 и кога ќе се продадат становите во летниот период ќе биде хаос. Важи за сите каде носиме планови за поголема изградба. Има превидено улици кои всушност немаат пристап. Во следните пет години ниедна од тие посериозни улици кои ги поврзуваат не може да се реализираат, бидејќи треба да се рушат 20-тина објекти, куќи или помошни објекти. Кога општинава ќе најде пари да ги руши овие објекти, да им плати на луѓето за да може да се отвори улицата за да има пристап до зградите? Никогаш, ова нема да е исплатливо. И јас ви гарантирам дека општината пак ќе издава одобренија за градби, посочи советникот Костоски.

Секретарот Китески повторно го потенцираше ставот дека не треба да се дозволи да се издаваат одобренија ако нема економска исплатливост.

Тоа што се носат Детални урбанистички планови после не знам колку години е добро, но треба да сме свесни дека имаме одлука за комуналии од 1996 година, може ќе размислуваме за промена на таа одлука. Мора да гледаме одобренијата кои ги издаваме да се имотно-правно решени. И кај болниците има згради каде нема пристап. Треба да се носат издржани одобренија за градби. Ако даваме одобренија и земаме пари треба да обезбедиме пристап. Ова е проблем кој треба да го решиме во иднина, додаде тој.

Советничката Живка Ангелоска рече дека во своето излаѓање го пренесува ставот на советниците од опозицијата по однос на носењето на деталните урбанистички планови за Урбаните заедници 3 и 12.

Ние нема да ги поддржиме овие детални урбанистички планови за УЗ 6 и УЗ 12. Точно е дека треба да се урбанизира, но тоа што во последно време се случува во градот најмалку е на ниво на Охрид, имајќи предвид дека имаме уништени, непроодни тротоари, сообраќајници на кои наместо лесни возила имаме багери и друга механизација, па се чека по улиците, се избегнуваат одредени улици…, а има во некои места каде во прашање се доведува и безбедноста на учесниците во сообраќајот каде се изведуваат градежните работи. Поради ова нема да ги поддржиме овие ДУП-ови, додаде Ангелоска.

Н.С.Ј.