Деновиве земјава ја тресат низа протести организирани од средношколците и нивните родители, поради најавата за екстерно тестарање на учениците од четврто до деветто одделение и средношколците(без матурантите), кое е предвидено да се одвива од 27-ми мај до 10-јуни.

Од оваа одлука на Министерството за образование и наука, незадоволни се наставниците, учениците и родителите. Најголем проблем за родителите, претставува тоа што нивните деца треба да го подготвуваат материјалот кој го изучувале во текот на целата година.

Зарем е нормално деца од 11 годишна возраст да полагаат испит, кога во целиот свет низ факултетите се полага на колоквиум по „Болоња“. Нели треба тоа што го учат, да им остани во сеќавање и да го применат во животот. Вака само им се натрупува материјалот, кој мораат да го „бубаат“.“ – вели револтиран родител.

Синдикатот на вработените во образованието, СОНК, има сериозни забелешки на правилникот за проверување на објективноста на наставниците и бара негова корекција. Просветните работници, пак, не сакаат да коментираат во јавност, но повеќето се со став дека екстерното тестирање претставува натрупување на материјалот кој нема да го подобри знаењето кај децата.

Знаете, се појавува револт кај учениците поради ваквиот тип на оценување. Од една страна, теоретски е добро осмислено, но колку овој процес е остварлив во пракса ќе покаже времето. Во секој случај, професорите се подготвени да одговорат на предизвикот, а средношколците се спремни за екстреното оценување.“ –  вели професорка од едно охридско средно училиште.

Политичките партии, деновиве изнесоа различни ставови околу екстерното тестирање. Според опозициската Либерална партија, потребно е укинување на овој тип оценување кое може да им наштети на учениците и наставниот кадар.

Екстерното оценување им  наштетува на учениците и на наставниот кадар, а влијанието на оценката од овој тип оценување е трауматично за учениците и го обезвредува нивниот труд постигнат во текот на учебната година. Тоа е механизам што ја прави бесмислена редовната настава и проверката на знаењето и создава дополнителни тешкотии пред се за учениците, за нивните родители, но и за наставниците.“ – изјавија деновиве од ЛП.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека со овој процес ќе се стави крај на необјективното оценување на дел од наставниците.

Наставниците кои биле реални при оценувањето на своите ученици ќе бидат наградени, а тие кај кои ќе има најголеми отстапки во оценката што ја ставиле во дневникот од онаа што учениците ќе ја добијат на тестот, ќе одат на советување. Ако и натаму продолжат со необјективно оценување, ќе бидат казнети.“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа одлука, ги разгневи тетовските средношколци, кој во текот на вчерашниот ден бараа  укинување на екстерното тестирање.

Ние сме против екстерното оценување затоа што не е меродавно еден тест да оценува за цела година.“ – изјави за „Алсат-М“ Шенол Скендеровски, член на организацискиот одбор.

Исто така, вчера беа собрани потребните 10 000 потписи, со кои родителите бараат укинување на екстерното оценување. Како што пренесуваат медиумите, доколку потписите не се доволни, родителите правдата ќе ја бараат пред Уставниот суд.

Во четврток, протести се закажни и во Делчево, а тамошните ученици велат дека ваквото оценување не е меродавно за нивните целокупни знаења.

Инаку, пред два дена пред споменикот на Мајка Тереза во Скопје, под слоганот „НЕ за екстерното , ДА за нормалното“, група составена од средношколци ги повикаа сите учениците, граѓански активисти, професори и родители, да им се приклучат на мирниот протестен марш против овој вид на оценување, кој е закажан за 24-ти мај.

О.Т.

фото: „РадиоМоф“