Измените на законот за средно и основно образование кој вклучува екстерно тестирање стапуваат во сила од наредната учебна година, соопшти министерот за образование Никола Тодоров додавајќи дека екстерното тестирање нема за цел да ги омаловажува или казнува наставниците и учениците.

Сега според новиот закон, екстерно тестирање ќе се спроведува  по четири, а не по два  предмета како што беше претходно.

Тестирањето  ќе се врши на крајот на школската година, со претходно поставени тестови од ново формираната испитна комисија од Министерството за образование и наука (МОН).

Тодоров тврди дека овие измени не се донесени за казнување на просветните работници, туку имаат за цел да го  зајакнат  и подобрат  образованието во земјава.

„Новите измени во законот за основно и средно образование немаат за цел омаловажување на работата на наставниците. Екстерното тестирање преставува само алатка за јасно утврдување на квалитетните од помалку квалитетните, а не некој да биде награден а некој казнет “, рече министерот за образование Никола Тодоров, додавајќи дека  овој закон ќе придонесе за поквалитетно образование.

Сепак законот предвидува казни  и награди од 10 проценти.

Според ново изгласаниот закон минатиот месец во Собранието, ако еден наставник по негативната оценка не се подобри во наредното тестирање, тој ќе се казни со 10 проценти од платата.

Истовремено резултатите од тестирањето на учениците нема да влијаат врз крајната оценка но за прв пат ќе се наведуваат во свидетелство.

OhridNews
извор: „Макфакс“