Актуелниот шампион во Ла лига, Барселона комплетно се врати во игра за титулата, откако со голот на Лионел Меси во последната секунда од судиското продолжение две минути го совладаа Реал Мадрид со 3-2 во „Ел Класико“.


Дербито на „Сантијаго Бернабеу“ ги исполна сите очекувањата и ги задоволи сите фудбалски сладокусци ширум светот, а каталонците со триумфот се изедначија со „кралевите“ кои имаат меч помалку.

Домашните фудбалери со погодокот на Касемиеро го отворија резултатот во 28-та минута, но водството траеше само пет минути. Лионел Меси после една одлична тимска акција израмни 1-1.

Егалот на семафорот стоеше до 73-та минута кога Иван Ракитиќ со маестрален погодок ја доведе Барселона во прво водство на мечот. Водечкиот погодок на гостите не беше единствен проблем за „кралевите“ кои во меѓувреме останаа и без Серхио Рамос кој доби директен црвен картон. 

И со играч помалку „лос бланкос“ успеаја да израмнат, а џокер беше Хамес Родригез кој непосредно после црвениот картон влезе во игра. Сепак, Меси го немаше кажано последниот збор и со гол со „звукот на сирената“ донесе победа и значајни три бодови.


Реал Мадрид го загуби врвот, но има меч помалку и во фото финиш со Барселона ќе ја решава титулата во Ла Лига.

OhridNews