Со победи на екипите на Галатасарај и Панатинаикос започна Топ 16 фазата во кошаркарската Евролига. Во рамките на Е групата Галатасарај славеше над Жалгирис (78:69), а Панатинаикос го совлада актуелниот шампион Макаби со 83:76.


Мечот во Истанбул се одигра пред празни трибини, поради суспензијата на теренот на Галатасарај. Турскиот и литванскиот тим одиграа неизвесен натпревар, во кој нути еден од тимовите немаше предност поголема од осум поени.

Галатасарај со серијата од 9:2 во последната четвртина ја навести победата, а до неа тимот го предводеа Гулер и Ерцег со по 14 поени.

Панатинаикос на домашен терен 35 минути ја бркаше предноста на Макаби, која во одредени моменти беше и двоцифрена, но на крајот брилијантната одбрана во последните пет минути им ја донесе победата.

Батиста со 16, односно Слотер и Гист со по 15 поени го предводеа Панатинаикос, додека кај Макаби по 18 поени постигнаа Рендл и Линхарт.

Останатите натпревари од првото коло во Топ 16 фазата ќе се одиграат на 2.јануари.

„Макфакс“