Кошаркарите на Реал Мадрид ја покорија Европа освојувајќи ја титулата во Евролигата. „Кралевите“ во финалето го совладаа Олимпијакос со 78-59 и ја освоија деветтата титула во историја.
„Белите“ лошо го започнаа мечот пред своите гледачи бидејќи завршницата се играше во Мадрид и имаа негатива (19-15) по првата четвртина. Домаќините се разбудија во втората четвртина, ја добија со (20-9) и го презедоа водството.
Третата четвртина помина во егал (18-18), а шампионскиот чекор „кралевите“ го направија во последниот квартал, кој го добија (25-13).
Третото место во Ф4 во Мадрид и припадна на ЦСКА Москва, која со 86-80 го совлада тимот на Фенербахче.
Мх.П.