ЈП „Билјанини извори“ ќе воведе  електронски ситем за организирање и наплата за паркирање по пат на јавно приватно партнерство. Ваквата одлука со мнозинство гласови од советниците беше донесена на денешното продолжение на 23- та седница на советот.

Од фирмата изработувач на физибилити студијата, објаснуваат дека спроведените анализи покажале дека ваквиот модел се покажал како најпогодна опција.

Разгледаните опции беа наплатата да се спроведува самостојно по пат на финансирање со кредит , а втората опција беше  јавно приватно партнерство. Опцијата самостојно да се спроведе електронскиот систем за наплата со земање кредит од банка за 37% е поскапа отколку преку јавно-приватно партнерство. Резултатите на крај се исти, но трошокот е понизок со фирма партнер, а и целиот ризик се префрла на партнерот и затоа се преферира оваа опција. Опцијата претпријатието самостојно да го воведе системот не беше дадена затоа што беше кажано дека јавното претпријатие нема финансиски средства, ниту пак дека општината може да финансира, објаснуваат од фирмата која ја изработи физибилити студијата.

Против предлог одлуката за давање согласност на одлуката на Управниот одбор на ЈП „Билјанини Извори“ за усвојување на физибилити  студијата и за давање согласност за започнување на постапка за доделување на Договор  за воспоставување на  јавно приватно партнерство за имплементација на електронскиот систем,беа советниците од опозицијата.

Според нив, целта на советничкто мнозинство не е јавното претпријатие да застане на здрави нозе, туку одредени структури блиски до владеачката партија да остварат профит.

Моја замерка е што меѓу понудените опции ја нема можноста- во рамки на буџетот на општина Охрид да се издвојат средства за набавка на систем за наплата. Знаеме оснивач на јавното претпријатие е општина Охрид, и во рамки на буџетот може да се издвојат средства за оваа намена .Никаде не е покажан документ колку точно би чинел системот, она што го имаме во физибилити студијата е дека чини околу 6 милиони денари, но нашите информации зборуваат дека не чини повеќе од три милиони денари, вели советникот од ВМРО- Народна партија, Јоне Станкоски.

Според советникот Дејан Блажески од ЛДП, донесената одлука е  уште едно големо лицемерие и двоен морал на владеачката партија.

Она што го повлекоа пред изборите затоа што знаеја дека не е популарна мерка го направија денес. Истите кои беа најгласни за паркнизите сега се први за да се изврши јавно приватно партнерство.Разликата во нето вредноста на приходите помеѓу воведувањето на електронски систем за наплата преку јавно приватно партнерство и варијантата да се продолжи со постоечкиот систем за наплата, изнесува 285.563 денари .Значи за толку не убедуваат дека ниту општината ниту јавното претпријатие ниту можело да се земе кредит, а во меѓувреме изманипулираа со кредитниот рејтинг на претпријатието . За толку пари не треба да се ставаат хипотеки , може да се направи добар бизнис план со кој ќе се аплицира, доколку не одбиеја банките можевме да продолжиме со други алтернативни мерки . Паркинзите се исплатлива варијанта, вели Блажески.

Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески потенцира дека прифатената опција,  ќе овозможи јавното претпријатие да ја надмине сегашната тешка состојба во која се наоѓа.

Демантираме дека ова е модел на давање на паркинзите на приватен партнер или давање на приватен партнер да стопанисува со паркинзите. „ Билјанини извори“ согласно физибилити студијата ќе објави тендер со кој ќе се склучи јавно приватно партнерство со приватен партнер во однос на инсталацијата на софтверската опрема потребна за непречено функционирање на паркинзите. Тоа ќе значи дека со паркинзите ќе раководи јавното претпријатие, средствата кои се прибираат од паркирањето во целост ќе одат на сметката на претпријатието , а понатаму преку воспоставен систем ќе се фактурира определениот дел за партнерот и тоа процентот од кој ќе започне јавното поддавање ќе биде 25,4%. Значи максималниот процент кој ќе се одвојува за приватниот партнер во текот на период од пет години ќе биде 25,4%, но сигурни сме дека со јавното поддавање овој процент ќе оди надолу. Од друга страна јавното претпријатие  добива модерна опрема, сите вработени остануваат на работа,а  после пет години приватниот партнер е должен целокупната опрема да му ја предаде на јавното претпријатие во исправна состојба и во вредност не помала од милион денари, вели Спасески.

Спасески додава дека прифатениот модел на  „Билјанини извори“ ќе му овозможи без никакви издатоци и ризик да обезбедува многу поголема наплата на паркинзите отколку досега, а на граѓаните ќе им овозможи да добиваат квалитетна услуга.

Т.К.