Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) преку Електронскиот систем за јавни набавки вчера објавија Конкурс за избор на идејно решение за изградба на Конгресен центар во населбата Далјан во Охрид.
Архитектите и заинтересираните бироа имаат рок до 6-ти мај 2016 година да ги достават своите идеи за изгледот и функцијата на обајектот. За вреднување на пристигнатите трудови е формирана жири – комисија, во состав: Звонко Кушоски, Миле Славковски и Снежана Галовска.
Првичните информации за изградбата на овој објект ги објави охридскиот градоначалник Никола Бакрачески на почетокот од февруари 2016 година.
-Тоа ќе биде еден од позначајните капитални проекти кои многу одамна му недостасуваат на градов. Финансиската конструкција за реализација на проектот ќе биде на ЕЛЕМ. Урбанистичко планската документација што ја обезбедува општина Охрид е во завршна фаза после што ќе бидат преземени следни активности. Почетокот на градежните активности би требале да бидат во првата половина на 2017 година, изјави тогаш Бакрачески.
Тој објасни дека како општина заедно со Владата на Република Македонија, барале од ЕЛЕМ која е задолжена за прибавување на целокупната документација, конгресниот центар да ги задоволи потребите на Охрид во насока на развој на конгресниот туризам.
– Она што ние го баравме од инвеститорот беше првенствено да се одбере поволна локација, а таа кај Даљан ние сметавме дека е најповолна. Секако дека тој конгресен центар треба да има една голема сала или главна арена во која би се одвивале големите конгресни активности со капацитет од 1 500 до 2.000 седишта и се разбира 4 до 6 помали сали со капацитет за 200 лица. Се разбира дека организацијата на конгресите подразбира и други сателитски активности и организација на сателитски симпозиуми, а самото име кажува дека може да се организираат и во локалните хотели. Тоа значи дека главните конгресни активности би се одвивале во големиот конгресен центар, а сателитските симпозиуми во конгресните сали од охридските хотели, објасни во истата прилика Бакрачески.
OhridNews