Како партија гледаме одредено разочарување во поглед на претседателските кандидати. Тие се без идеи, без концепт, а кампањата е бледа, изјави вечерва во Охрид, претседателот на Социјалдемократската унија на Македонија, Лазар Еленовски.


Тој смета дека претседателските кандидати се на места каде што не треба, а полемизираат за нешта кои воопшто не е во ингеренциите на претседателот.

Претседателот на државата има конкретни ингеренции и треба да понуди концепт во однос на нив, кажа лидерот на СДУ.

Според него, претседателските и локалните избори ќе бидат фер и мирни, но не и демократски.
Еленовски вечерва учествуваше на трибината „Каков совет за општина Охрид“ што ја организира општинската организација на СДУ од Охрид.

Нашата идеја за советот е граѓанскиот карактер. Мислиме тоа да  го постигнеме дури со предлог за измени на Законот за локална самоуправа во делот на помошните тела и да предложиме, во нив, да има експерти, надворешни лица, а не само членови на советот- изјави потпретседателот на СДУ-Охрид, Веле Митаноски, кој е носител на листата за советници од оваа партија.

Воведно излагање имаше досегашниот претседател на општинскиот совет, Владо Чингоски, а Митаноски подвлече дека трибината е граѓанска и е во интерес на подигнување на советот и претварање на Охрид во достоинствено место за живеење.

Ohridnews