Како што објаснува режисерката Стеријовска, „Емигранти“ е приказна која раскажува за животот и состојба во која секој човек може да се пронајде, независно во какви услови живее, бидејќи секогаш сонува за поубав живот и посветло утре, поголемо ЈАС.
– Двата лика во претставата се заглавени во подрум, простор што ги тера на клаустрофобија која понатаму се манифестира со сериозни психички состојби кои резултираат со калоричен епилог, вели Стеријовска.
Двата главни ликови во претставата ги толкуваат актерите Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски.
– „ Емигранти“ е интересен текст , а неговата изведба нам на актерите ни е предизвик и желба уште од студентските денови. Направивме добра претстава, на моменти песимистичка на моменти оптимистичка, а секако предизвик е што се игра на само неколку сантиметри од публиката, вели Стаматовски .
Актерот Тодороски додава дека темата која се обработува во претставата е прашање со кое се почесто се среќаваме.
– Сметам дека дури и на дневна база се судираме со мислата дека таму некаде на запад или исток е прекрасно, но забораваме еден едноставен факт дека дури и да отидеш таму, ти сепак си овде, вели Тодороски.
Претставата ќе се игра во подрумските простории на Центарот за култура, простор кој специјално е уреден за претставата, а кој е предвидено и понатаму да се користи за одредени амбиентални претстави, особено во зимскиот период.
Како што нагласи раководителот на театарот, актерот и режисер Горан Стојаноски, репертоарската политика на Народниот театар е создавање на традиција на гледање класици, во адекватен простор што е еден од главните просперитети на една вистинска брендовска театарска репертоарска политика.
Покрај актерите Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски, во претставата играат и Биљана и Адријана Билаловиќ. Продуцент е Горан Стојаноски, музика Стрезо Стаматовски, музичка изведба Ѓоко Алоски, сценографија Владимир Ѓорески – Рафик, костимограф Кристина Мукоска Затуроска, инспициент е Филип Ангеличин – Жура, за дизајнот се погрижи Номче Џулески. Сценска изведба Борис Велјаноски и Светло Зоран Левески.
Предпремиерната изведба на претставата е во сабота, а премиерата во недела со почеток во 20 часот.