ЕМО е пред стечај тврдат извори од некогашниот стопански гигант. Ваквите информации ги загрижија градските власти, според кои ваквиот неповолен развој на настаните не претставува изнендаување.

-Со самото поставување на несикусен директор се навестуваше нешто вакво. ЕМО можеше да го спаси само искусен менаџер и влада што сака да го направи тоа. Но очигледно се прави се за некому ЕМО да му се даде на подарок. Останува само да видиме со што ќе бидат наградени тие кои ќе помогнат да се направи тоа, како што беше случај кога се купуваа акциите на емовци со кеш од актовки.-вели градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.

Загриженост за случувањата во ЕМО изрази и општинската организација на ЛДП.

-ЛДП е сериозно загрижена поради информациите кои се однесуваат на тоа дека сите ДООЕЛ претпријатија кои ги формира ЕМО АД, ќе заминат во стечај. За жал,  место да се работи на  развивање на стопанството во Охрид, се продолжува со тенденција за доуништување на постоечките брендови.Од друга страна  пак Владата, постојано најавуваше  дека ќе пронајдат купувач за ЕМО и дека ќе ја решат тешката долгогодишната  голгота низ која  поминуваат повеќе од  илјада семејства во Охрид.-се вели во реакцијата на ЛДП, која бара одговор за случувањата во ЕМО да дадат пратениците од ВМРО ДПМНЕ.

OhridNews го контактираше пратеникот Александар Николоски, кој истакна дека најповикан да даде одговор за случувањата во ЕМО е менаџерскиот тим на фабриката.

-Ние нашето го направивме во Собранието. Се донесе закон со кој се презедоа сите долгови на компанијата од страна на основачот-државата и се исплати еднократна парична помош на вработените од 1000 до 2300 евра.-посочи пратеникот Николоски.

Пред една година Владата предложи план за ревитализација на „ЕМО“ Охрид,кој предвидуваше рационализација на бројот на вработени во компанијата на околу 500 до 600, со цел таа биде конкурентна на пазарот и да се привлечат инвеститори.

Исто така, планот предвидувашедел од имотот на АД „ЕМО“ што не е во функција да биде продаден, а средствата од продажбата ќе се употребат како обртен капитал.

Неодамна, при иницирање на идеја за изградба на фабрика за преработка на отпад на просторот на ЕМО, во изјава за медиумите извршниот директор Зоран Филоски истакна дека плановите се ЕМО да продолжи да ја обавува својата дејност, за што се преземале неопходните чекори. За последните информации дека наводно компанијата е пред стечај, засега од ЕМО нема официјална реакција.

Инаку, државата која е доминантен сопственик на акциите на АД „ЕМО“  претходно  шест пати се обиде да ја продаде компанијата по пат на тендер, но сите обиди завршија со неуспех.

OhridNews