Силни емоции побуди документарниот филм „Танцот со пастрмките“ на меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски, кој премиерно беше прикажан вечерва во центарот за култура „Григор Прличев“.

Во филмот прикажан е мрестот на охридската пастрмка, ендемски вид риба кој поради човечката негрижа е на раб на исчезнување од Охридското Езеро. Тоа е и една од главните пораки на филмот кој е сниман во изминатите пет години во сезоната на мрест на пастрмката во месеците јануари и февруари.

-За потребите на снимањето на филмот направиме педесеттина часа материјал и повеќе од стотина нуркања. Се нуркаше на длабочина од 2-15 метри, а некогаш и до 40 метри. Имавме доста проблеми за време на снимањето, бидејќи поради планктонот снимањето и фотографирањето под вода е исклучително тешко. Така од 30-40 минути снимен материјал колку што правевме за време на едно нуркање едвај минута можевме да искористиме. – истакна Милутин Секулоски.

Докумантарниот филм „Танцот со пастрмките“ изобилува со ексклузивни подводни снимки, а меѓу највпечатливите е моментот кога искусниот нуркач Милутин Секулоски бакнува матица која се мрести во водите на Охридското Езеро.

– Пастрмката за време на мрест е многу смирена, но сепак професионални и искусни нуркачи кои сакаат да и се доближат блиску мора да внимаваат на многу детали, дури и на испуштањето на воздух бидејќи таа е мошне чувствителна, се плаши и бега. – раскажува за своите искуства од подводниот танц со пастрмките Милутин Секулоски.

27-минутниот документарен филм на Милутин Секулоски содржи и вознемирувачки кадри на угинати пастрмки заплеткани во некоја од стотиците мрежи кои несовесните рибари ги оставиле на местата каде природно се мрести овој ендемски вид риба. 

Дел од документарниот филм е посветен на вештачкиот мрест и напорите кои ги прави науката за спас на пастрмката, но според Секулоски тоа не е доволно.

– Во овие пет години кога го снимавме документарниот филм дојдовме до заклучок дека охридската пастрмка, за жал, ја има се помалку и помалку. Благодарение на вештачкиот мрест рибниот фонд на пастрмката полека се обновува, но мислам дека не е доволно само тоа. Мислам дека треба можеби да се прогласи мораториум од 10 – 15 години за да се врати онаа популација што ја имавме пред петнаесеттина години. – вели големиот вљубеник во Охридското Езеро и екологист Милутин Секулоски.

Публиката позитивно го оцени документарниот филм „Танцот со пастрмките“, кој според одредени мислења може да биде искористен и во промотивни цели.

-Секако дека дел од видео материјалот кој го видовме во филмот е добро да се искористи во туристички цели, бидејќи и овој вид на материјал ја збогатува туристичката понуда на градот Охрид и на Охридското Езеро посебно. Туристите сакаат приказни, а посебно автентични  приказни прикажани на ваков начин со подводни снимки и фотографии. Се ова што го видовме во филмот сигурно ќе биде инспирација за туристите кои ќе дојдат во Охрид да зануркаат во подводниот свет на Охридското Езеро.– изјави Дончо Танески, долгогодишен туристички работник.

Со прикажувањето на документарниот филм „Танцот со пастрмкте“ нуркачкиот центар „Амфора“ се приклучува на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици. 

По завршување на документарниот филм отворена беше изложба на подводни фотографии која имаше продажен карактер. Собраните средства ќе бидат донирани за помош на социјално загрозени граѓани.

Г. Момироски
фото: Емилио