Со пригодна свеченост, што се одржа синоќа во предворјето на Св. Софија во Охрид, градот Охрид го одбележа јубилејот 100 години од раѓањето на Блаже Конески – доајен на македонската книжевност и творец на современиот македонски јазик.
Настанот беше организиран на иницијатива на Лајонс клубот Лихнидос, по повод 12-от роденден на клубот, во соработка со другите лајонс клубави во градот: Охрид, Десарети и Деница, Ротари клубот Охрид и волонтерите од Културолошка иницијатива 5 до 12.
Инспиративен вовед во вечерта имаше Проф. Татјана Дурнева, која сеопфатно го презентираше неисцрпното творештво на великанот од Небрегово.
Конески има значаен придонес за кодификацијата на македонскиот литературен јазик, за донесувањето на македонскиот правопис и за изградувањето на литературната норма. – потсети Дурнева, навраќајќи се на импресивната биографија на големиот Конески.


Професорот ми предаваше Историја на македонскиот јазик, а потоа кога бев избрана за асистент на Филолошкиот факултет, станавме и колеги. Најголемото мое задоволство беше кога професорот Конески ми предложи да ја издадеме заеднички книгата „Тиквешкиот зборник“ која што се појави во 1987 година. – се потсети на соработката со Конески професорката Антиќ.

Филмот во режија на охриѓанецот Антонио Вељаноски, се осврнува на значењето на јазикот, кој, како што рече и поетот Димоски, е битот на еден народ.
Единственото нешто што го чува исконот на јазикот е поезијата. – рече Славе Ѓорго Димоски, посочќувајќи дека јубилејот 100 години од раѓањето на Конески, случајно или не, се случува во времиња кога повторно некои темни облаци се надвиснуваат над Македонија, оспорувајќи ја неговата историја, култура и постоење.


Покрај редовните хуманитарни и еколошки активности, наша интенција е постојано да оддаваме почит кон најголемите домашни и светски имиња на културата и уметноста. А поголема и позначајна личност од Блаже Конески, во поновата Македонска историја, едноставно не постои. – рече Тунтев.

Покрај бројните хуманитарни акции, учествуваме на настани каде се оддава почест на многу познати светски имиња од областа на уметноста и културата. Оттаму чест, задоволство и среќа е што вечерва истовремено одбележуваме 100 години од раѓањето на големиот Конески и славиме роденден на Лајонс Клубот Лихнидос. – рече гувернерката на Д 132 Македонија.
Настанот беше зачинет со поезија од Блаже Конески и амбиентална музика, кои во древниот храм Св. Софија звучеа прекрасно.
Свеченоста беше збогатена со извонреден настап на градскиот хор „ Vox Lychnidos“, кој уште еднаш ја покажа високата класа.
Натали Боздоганова/Горан Момироски
Фото: Анамарија Момироска


































