ЕВН Македонија и Министерството за економија во рамките на платформата за енергетска ефикасност, го почна промовирањето на позитивните примери за заштеда на енергија во бизнис секторот.

Системот за управување со објекти на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје на ТАВ Македонија е првиот пример на веќе применети решенија. Претседателот на управниот одбор на ЕВН Македонија Вернер Хенгст и министерот за економија Ваљон Сарачини при посетата на аеродромот го оценија системот како позитивен пример за енергетска ефикасност.

ЕВН Македонија постојано работи на промовирање на концептот за енергетска ефикасност и поттикнување на негова поширока примена, истакна  Хенгст.

”Навистина радува фактот што еден ваков стратегиски објект, дава пример за тоа како може да се работи по највисоките стандарди, а притоа да се обезбеди енергетската ефикасност во работењето”, изјави претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

Министерот за економија Сарачини посочи дека, системот на ТАВ е одличен пример како функционира примената на енергетска ефикасност на дело. Преку примената на системи кои сериозно ја намалуваат потрошувачката на електрична енергија компаниите си обезбедуваат поголема конкурентност и оптимизација на трошоците.

Инвестицијата на ТАВ Македонија во Системот за управување со објекти изнесува 100.000 евра, а нуди заштеда на енергија од околу 20% годишно. Директорот на аеродромот „Александар Велики“ г. Зоран Крстевски смета дека повратот на инвестицијата преку заштедените средства за електрична енергија е година и половина.

OhridNews