Како што истакна државниот секретар во министерството за локална самоуправа, Сашо Стефаноски, енергетската ефикасност е процес на иднината и затоа надлежното министерство и владата преземаат конкретни активности со цел што поуспешно спроведување на овој процес во Република Македонија.
– Значајно е да се напомене дека од нашата денешна работа ќе произлезат конкретни приоритети и насоки во однос на енергетската ефикасност на општините. Ќе препорачаме целокупниот фокус да биде насочен кон изградба на енергетски ефикасни: училишта, градинки, болници, спортски објекти и слично, а секако значајно е и општините да ги насочиме кон поставување на енергетски ефикасно јавно осветлување што во голема мерка ќе ги намали нивните трошоци, изјави Стефаноски.
На состанокот присуствуваа директорите на 8-те Центри за регионален развој во Република Македонија, кои имаа можност да ги презентираат анализите за потребите на општините во секој плански регион, со цел да се најдат најсоодветни начини за обезбедување на енергетска ефикасност во делот на уличното осветлување и на јавните објекти во надлежност на локалната самоуправа.