Вистинска „експлозија“ од емоции и долги аплаузи донесе новата претстава „Енергични луѓе“ која охридскиот Народен театар премиерно ја изведе изминатиот викенд на малата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“ – Охрид.
Првенчето на режисерот Александар Ивановски во Охридскиот театар, на текст од рускиот автор Василиј Шукшин, е полн погодок во секоја смисла на зборот. Извонредно поставената претстава „Енергични луѓе” моќно на сцената ја донесоа актерите: Никола Тодороски, Билјана Билаловиќ Вељаноска, Стрезо Стаматовски, Горан Стојаноски, Павел Маслов и Адријана Билаловиќ Тодороска.

Оваа претстава ќе биде доказ за тоа како постои, се користи, расне и развива овој потенцијал, изјави пред премиерата режисерот Ивановски. И не погреши. Оваа претстава го валоризира и потенцијалот и талентот на актерската екипа која, впечаток е, долго ќе биде “енергична” на сцената.

Претставата, иако сместена во социјалистичките 70-ти од минатиот век, е исклучително актуелна, со заплет кој носи урнебесен расплет, кој освен што до солзи ја насмејува публиката праќа и квалитетна порака за одредени општествени моменти кои се на некој начин многу важни.

Г. Момироски













