Селекцијата на Норвешка се искачи на третото место на пиедесталот на Европското првенство во ракомет. Норвежаните во малото финале подибри беа од словенските ракометари со 28-20 (12-9).

Во текот на првото полувреме и целиот натпревар, репрезентацијата на Словенија само еднаш водеше што доволно говори за норвешката доминација. Ракометарите на Норвешка го контролираа мечот и после триесет минути игра обезбедија предност од три голови. Сите дилеми ги решија со фуриозниот почеток во второто полувреме кога постигнаа пет голови во серија за водство 17-9. Словенците не се консолидираа и ја загубија битката за бронзениот медал.

Лидерот и капитенот на Норвешка, Сандер Сагосен постигна четири голови кои беа доволни за надминување на рекордот по вкупниот број на погодоци на европските шампионати кој во своја сопственост го имаше Кирил Лазаров. Сагосен со 65 погодоци е новиот голгетер број еден во Европа, додека нашиот најдобар ракометар се наоѓа на втората позиција со 61 гол. Лазаров на ЕП 2012 година одигра седум мечеви, а Сагосен рекордот го постави со натпревар повеќе.

OhridNews