Селекцијата на Данска направи чекор напред кон полуфиналето на континенталниот собир во Хрватска победувајќи ја Словенија со 31-27 (16-14) во вториот меч од првата рунда во главната фаза.

Данците со триумфот над „змајчеките“ стигнаа до четвртиот бод и се изедначија на врвот од табелата со Германија, која претходно ја совлада Чешка. Полуфиналето сега веќе е невозможна мисија за словенците кои останаа на бодот пренесен од прелиминарната рунда.

Ракометарите на Данска кои се носители на олимписко злато ја имаа контролата во текот на целиот натпревар и на словенците им дозволија само едно водство (12-11) во цели 60 минути.

Предноста на данците варираше на 2-3 голови, а избраниците на Веселин Вујовиќ повремено се закануваа, но немаа сили да избегнат пораз кој шансите за пласман во полуфиналето им ги сведе на минимум.

Најпрецизен во составот на Данска беше Ласен Сван со 11 голови, а кај словенците најефикасен беше Миха Зарабец шест голови.

OhridNews