Селекцијата на Данска е последна шанса за женската ракометна репрезентација да извлече поволен резултат и да обезбеди пласман во наредната фаза. “Црвено жолтите“ не покажаа некоја завидна игра во мечевите со Франција и Шведска, затоа и победата над Данска би претставувала вистинска сензација.

Во пресрет на последното коло Шведска стартува со четири бодови, Франција и Данска со два додека селекцијата на Македонија е без бодови.

Македонија во наредната фаза ја носи минимална победа над Данска, но мора Франција да ја совлада Шведска.

Во случај Франција да претрпе пораз од Шведска, на избраничките на Гино Стрезовски им е потребна победа од осум голови разлика. Тогаш се прави минитабела од три репрезентации Франција, Македонија и Данска и се сумираат резултатите од тие мечевите без бодовите и головите со селекцијата на Шведска.

Во тој случај Македонија со победа од осум разлика би имала гол разлика (-5), Франција +12 и Данска (-7) и “триколорите“ и Македонија би патувале во следната фаза.

Мечот од групата Б, Данска – Македонија е на програмата во 20:15 часот, а пред тоа е дуелот помеѓу Шведска и Франција.

Мх.П.