Македонската ракометна репрезентација доживеа тежок пораз во првиот натпревар од втората фаза на Европското првенство во Полска. Загубивме од Хрватска со високи 34:24 (17:13).

Во текот на целиот натпревар „коцкестите“ имаа предност и во ниту еден момент не беше доведена во прашање нивната победа.

Македонија го одигра најслабиот меч на шампионатот. Во играта на нашата репрезентација ништо не функционираше, ниту во нападот, ниту во одбраната, а изостана и познатата борбеност и залагањето, кои не красеа во досегашните мечеви од првенството. Ниту ротациите и ставањето на клупа на капитенот Лазаров кој мечот го заврши без ниту еден погодок, на првиот голман Ристовски, Миркуловски и на Манасков во вториот дел, не донесе промена во пристапот кон играта. Напротив во второто полувреме Хрватска ја зголеми предноста и стигна до лесен триумф изразен со 10 голови разлика.

Со оваа победа Хрватска има 4 бода и останува во игра за место во полуфиналето.

Следниот натпревар Македонија го игра на 25-ти јануари против Норвешка.

OhridNews