Селекцијата на Македонија со пораз 30-23 (12-12) од бранителот на трофејот Франција го започна Европското првенство во Полска.
Французите бодовите од дуелот со Македонија ги освоија со судни маки во финишот од премиерниот натпревар од А групата.
Избраниците на селекторот Ивица Обрван одиграа одличен натпревар спротиставувајќи му се храбро педесет минути на најдобрата селекција во светот.
Во првиот дел „црвено жолтите“ имаа предност и негатива, и по голема борба успеаја да одат со егал (12-12) на пауза.
Гол за гол се играше до 43-та минута кога „триколорите“ со серија од 3-0 се одлепија на (20-17). Со иста мера возврати Македонија и во 46-та минута изедначи (20-20).
Карабатиќ и дружината во последните десет минути уфрлија брзина повеќе, го стегнаа обрачот пред голот и со лесни погодоци од контра напади се одлепија на плус четири (26-22).
Македонија немаше сила за уште еден „кам бек“ и го претрпе првиот пораз (30-23) на ЕП, но пак покажа дека може да се носи со квалитетни селекции од рангот на Франција.
Во втората рунда во недела во 20:30 часот Македонија ќе се сретне со репрезентација Полска која е домаќин на ЕП.
Мх.П.