Селекциите на Франција и Шведска стигнаа до очекувани победи во втората рунда од првата група во главна фаза совладувајќи ги Србија (39-30) односно Белорусија (29-20).

Натпреварот со „орлите“ за ракометните „експерти“ како што ги нарекуваат французите беше како полесен тренинг, бидејќи несвојствено за нив дозволија 30 голови во сопствената мрежата. Шанса добија сите ракометари, а во третата рунда силите ќе ги одмерат со Хрватска.

Швеѓаните одиграа нешто поангажиран меч за разлика од французите и до предност која им донесе победа стигнаа во финишот од првиот дел. Белорусите немаа сили да се вратат и да го направат мечот поинтересен и во дуелот со Србија ќе се борат за избегнување на последната позиција во првата група.

Последната трета рунда ќе ги даде полуфиналистите од првата група. За двете места ќе се борат Франција и Хрватска во меѓусебна пресметка и Шведска која ќе се сретне со Норвешка.

Резултати: Србија – Франција 30-39, Шведска – Белорусија 29-20.

Табела: Франција 8, Шведска 6, Хрватска 6, Норвешка 4, Белорусија 0, Србија 0.

OhridNews