Репрезентацијата на Македонија ја совлада Романија 24:23 во драматичен натпревар кој се одигра вечерва на Европското прввенство во Хернинг, Данска. Играч на одлука беше десното крило Ненад Костески кој за дел од секундата беше побрз од звукот на сирената.

Македонија добро го отвори натпреварот со 4:0, водеше и 5:1. Но, иако игравме одлично во одбраната во нападот недостасуваше ефикасност и концентрација. Романија која изгледаше немоќно се консолидира и со поддршка на одличниот Попеску кој имаше 10 одбрани и беше прогласен за играч на натпреварот, се врати во игра.

Почетокот на вториот дел повторно го почнавме добро. Поведовме со 5 разлика, имавме шут за +6 и тогаш застанавме. Романците почнаа да ја топат разликата, а ние во последните минути целосно потфрливме во нападот. Романците на 7 секунди пред крајот израмнија на 23:23, но Томовски веднаш ја врати топката во игра, Кузмановски тргна навреме го проигра Ненад Костески кој погоди за победа.

Најефикасен во редовите на Македонија беше капитенот Филип Кузмановски со 9 гола, Ненад Костески постигна 4, а Георгиев и Митев по 3 гола.

Само теорија ја носи Македонија во втората фаза. Португалија треба да загуби од Данска со 18 голови разлика во последниот натпревар од групата Б кој се игра вечерва.

OhridNews