Македонија го освои првиот бод во главната фаза од Европското првенство ремизирајќи 31-31 (17-13) против селекцијата на Норвешка.
„Црвено жолтите“ одиграа полувреме без грешка. Одбраната функционираше беспрекорно, нападот ја гаѓаше мрежата од секоја позиција на противникот и позитивата на семафарот беше сосема заслужено.
Во исти ритам избраниците на селекторот Ивица Обрван го продолжија и второ полувреме и во 40-та минута стигнаа до највисоката предност од пет погодоци.
Но, норвежаните во тие моменти најдоа начин, прво го запреа Кирил Лазаров, а потоа и немилосрдно ги казнуваа нереализираните акции во нападот.
Сепак, на Македонија и припадна нападот за победа, но ударот на Лазаров заврши во блокот и на семафорот остана 31-31.
По ремито со Норвешка судбината на Македонија за пласманот во квалификациите за Олимписките игри во Рио е во Франција и Полска кои мораат да ги добијат преостанатите мечеви во главната фаза.
Мх.П.