Шведска, првиот противник на ракометната репрезентација на Македонија, на Европското првенство, пред стартот на шампионатот се соочува со големи проблеми. Откако стана јасно дека континеталното првенство ќе го пропушти десниот бек Оскар Карлен, настапот на Еуро 2012 го откажа и левото крило Јонас Калман.

“Изминатите месеци направив неколку тестови на срцето, резултатите не беа добри. Разочаран сум што ќе го пропуштан Еуро 2012, но морам да се грижам за моето здравје. Морам да го оперирам срцето“, изјави Јонас Калман, соиграчот на Кире Лазаров во Атлетико Мадрид.

Покрај овие двајца, селекторот на Шведска, Штефан Олсон, може да остане и без Далибор Додер, кој пред неколку денови доби принова во семејството. Тој во последен момент ќе реши дали ќе патува во Србија или ќе остане дома.

„Во овој момент не знаеме како ќе изгледа нашиот тим на Европското првенство. Последните контролни мечеви ќе го одредат списокот“, изјави столбот на шведската одбрана, Тобијас Карлсон.

Репрезентацијата на Шведска ќе учествува на турнир во Хрватска, на кој уште ќе учествуваат Словачка и Иран. Последните контролни средби, на 10-ти и 11-ти јануари, репрезентацијата на „Трите круни“ ќе ги одигра во Малме против Русија.

Репрезентацијата на Шведска на Еуро 2012 ќе отпатува со цел да го повтори успехот од последното Светско првенство, кога го освои четвртото место.

„макфакс“
Ohridnews