Македонија без победа и со пораз од Белорусија го заврши четвртото учество на Европските првенства. „Црвено жолтите“ со скор од две реми и четири порази ќе завршат на 11-та позиција во генералниот поредок.


Кирил Лазаров – Целосно потфрливме на Европското првенство. Минатата година стигнавме до 9-та позиција на Мундијалот, а годинава не отидовме ниту еден чекор напред. Победа над Белорусија само ќе ја маскираше нашата неуспешност, но впечатокот немаше да го поправи. Сега со ладна глава треба да се направи анализа и да се корегира што е можно повеќе за предолимпискиот турнир во месец април.

Ивица Обрван – Капитенот на репрезентацијата е доволна величина во Македонија и во ракометот , како личност и како спортист за јас себе си како селектор да не можам да си дозволам да се расправам со него преку медиумите. Факт е дека тој е еден од ретките играчи кој секогаш имаат за право нешто да анализираат околу играта, дали позитивно или негативно, што сметам дека не е во ред, но јас тој одговор на Кире нема да го коментирам. Јас секогаш тргнувам од себе, така и сите останати би требало да тргнат од себе во некои анализи или критики.


Наумче Мојсовски – Ова беше чуден пристап од наша страна, еве прашувам зошто да не го почнеме мечот со Белорусија со најсилен состав. Јас така мислам, според мене тука е и грешката. Влеговме и опуштено, Рутенка не играше, ни кажаа дека нема да игра ниту Бабичев, па можеби малку се релаксиравме, но видовте што се случи на теренот. Многу лошо е што ова се случува на два месеци до тој предолимписки турнир на кој се надеваме дека ќе учествуваме, а кој не ни е ниту сигурен. Не знам што да кажам, ова е лошо, два месеци зборувавме за се да оди нагоре, да се движиме во вистински правец до тој турнир, но ова е сериозна опомена. Треба нешто да се менува, да се поправа. Јас сум дел од оваа репрезентација веќе 19 години, слободно можам да кажам дека ваква несериозност немало, како од играчите, така и од останатите аспекти. Еве го април каде е, нешто мора да се смени, вака никаде не одиме.

Македонија без победа го заврши Европското првенство

Извор: Екипа.мк
OhridNews