Шпанската селекција е првата репрезентација која избори пласман во финалето на Европското првенство во Хрватска. „Црвената фурија“ во првиот полуфинален дуел со 27-23 (15-9) ја совлада неприкосновената Франција.

Избраниците на Жорди Рибера не покажаа ниту еден грам респект кон „триколорите“ кои до полуфиналната средба немаа кикснато на ЕП. Добриот почеток на мечот им донесе предност која до првиот дел изнесуваше 15-9.

На стартот од второто полувреме шпанците стигнаа до девет погодоци позитива. И кога сите помислија дека е готово, французите со 6-0 серија се вратија во игра, но „фуријата“ не дозволи пресврт и го доби мечот (27-23).

Голманскиот тандем на Шпанија, Коралес – Штербик искомбинира 13 одбрани, а најпрецизен со 7 голови беше Соле. Кај французите најефикасен беше Сореиндо со пет голови.

Шпанија во финалето силите ќе ги одмери со подобриот од скандинвската пресметка помеѓу Данска – Шведска.

OhridNews