Селекцијата на Шпанија е новиот шампион на Европа преземајќи го приматот од Германија. „Црвената фурија“ во финалето на Европското првенство ја совлада шведската репрезентација со 29-23 (12-14).

Шпанската селекција до првиот златен медал после четири порази во финалните мечеви стигна на крилата од голманот на Вардар, Арпад Штербик.

Првото полувреме од финалето помина во знакот на швеѓаните кои го добија со 14-12. „Викинзите“ наоѓаа лесен начин да го пробијат бедемот на Шпанија, но на голот беше Коралес, а не Штербик.

Смената на голот во шпанската селекција на стартот од второто полувреме се покажа како клучен потег на Жорди Рибера во финалето. Штербик бранеше се и сешто, а на другата страна „фуријата“ ја полнеше мрежата на Апелгрен за водство 19-15.

Штербик не застана, а ниту неговите соиграчи кои дојдоа и до плус седум голови на семафорот (23-17) со што и го решија финалниот натпревар.

До крајот на мечот искусните ракометари од Шпанија не дозволија враќање во игра на швеѓаните и се искачија на највисокот место на тронот на Европа.

Балагуер во составот на Шпанија постигна шест голови, по четири реализираа Душебаејев, Раул Ентрериос, Соле и Арино, додека Штербик собра 8 успешни интервенции. Кај швеѓаните се истакна Нилсен со пет голови, а четир реализираше Екберг.

OhridNews