Ремито со Германија и првото место во Ц групата на македонските ракометни „воини“ им донесоа три бодови и три денови за одмор во пресрет на почеток на мечевите од главната фаза кои ќе се одиграат во Вараждин.

„Црвено жолтите“ дуелите во втората етапа на ЕП во Хрватска ги започнуваат со Шпанија в недела, а потоа силите ќе ги одмерат со Чешка и Данска.

– Ни треба одмор да се регенерираме и да дојдиме при себе после трите тензични мечеви во Загреб. Добро е што не изгубивме многу време патувајќи, бидејќи Вараждин е блиску до Загреб. Очекувам силна поддршка од нашите навивачи како што беше и во Загреб. – изјави Кирил Лазаров.

„Црвена фурија“ ќе биде првиот ривал на Македонија во главната фаза, а главен адут на Филип Миркуловски е селекторот Раул Гонзалес кој потекнува од трофејната шпанска ракометна школа.

– Во однос на Шпанија имаме мала предност покрај бодовната, бидејќи нашиот селектор добро ги познава и заедно ќе ги анализираме сите нивните маани и добри страни. Полуфиналето на ЕП не е недостижно, но треба да одиграме максимално како и до сега и среќата да не прати во одлучувачките моменти. – додаде неуморниот борец Миркуловски.

Македонија од првата позиција со три бодови ја започнува главната фаза и со голема надеж за пласман во завршницата од ЕП.

OhridNews