Министерството за здравство прогласи епидемија на морбили или мали сипаници на територија на градот Скопје поради регистрирани 12 нови случаи. Министерот Венко Филипче информира дека шест од новите случаи се потврдени со соодветни анализи, а за останатите 6 анализите се очекуваат утре. Додаде дека меѓу новите случаи повеќето се деца, но има и возрасни, а сите се невакцинирани лица со МРП вакцината. Осум од заразените се хоспитализирани на инфективна клиника и сите се со компликации со бронхопневмонија. Двајца се со потешка клиничка слика. Меѓу заболените има 8-месечно бебе и деца на возраст од 3,5 и 4 години. Има и еден возрасен на 31-годишна возраст.
Филипче додаде дека здравствените власти ја држат ситуацијата со малите сипаници под контрола, а како привремена мерка се воведува забрана за носење на невкацинираните деца во градинка. При тоа, се прават увиди на сите пунктови за вакцинирање.
Во Скопје во моментов се регистрирани 13 случаи на морбили, а се очекува потврда за уште 6. Филипче најави дека ќе се истражува дали педијатри им давале совети на родители да не ги вакцинираат децата со МРП до 3 годишна возраст.