Еребицата Александар со помош на ГПС предавател ќе споделува информации за живот на овие птици во НП Галичица. За таа цел, како што информираат од Македонско еколошко друштво (МЕД), поставен е предавател на машка единка од видот Alectoris graeca, кај нас популарно позната како еребица камењарка која живее во карпести предели, и во следниот период ќе биде нивен „соработник“.

Мониторингот на еребицата камењарка, потенцираат, е дел од планот за управување на НП Галичица и се реализира на секои 2 години во соработка со стручни лица од Македонското еколошко друштво, овој пат потпомогнати и од волонтери од Словенија.

За таа цел се поставени 10 трансекти по 2 километри кои теренски ги мониторираме секоја втора година и потоа со помош на статистички модели ја одредуваме популацијата на еребиците камењарки. Долгорочното спроведување на оваа активности ни ги открива популациските трендови кај овој вид, односно промените во нивната бројност и причините за настанување на тие промени, потенцираат од МЕД.

Дополнително, велат, со цел добивање повеќе информации за однесувањето на еребиците камењарки и за тоа како го користат своето живеалиште, го применуваат методот на ГПС телеметрија.

Поставувањето на ГПС предаватели на еребиците ни овозможува подобро да го разбереме нивниот начин на живот и претставува неопходен предуслов за таргетираното креирање мерки за нивна заштита во иднина, посочуваат.

OhridNews

фото. МЕД