Во вторник, 31-ви јануари, во 11 часот по Гринич (12 часот по македонско време), астероидот Ерос долг 34 километри, широк 11 километри и со маса од околу 6,7 трилиони тони, ќе мине на растојание од 0,15 астрономски единици од Земјата, што претставува 26,7 милиони километри, или една шестина од просечната оддалеченост од Земјата до Сонцето.
Астероидот Ерос (познат и како 1898 DQ) е откриен во август 1898 година, независно од германскиот астроном Карл Вит и од Французинот Огист Шарлоа. Тој стана првиот познат астероид, кој е во состојба да ја премине „природната граница“ на главниот астероиден појас – орбитата на Марс, и да се приближи доволно блиску до Земјата.
Како што претпоставуваат научниците, во текот на следните два милиона години неговата орбита може да се промени, така што Ерос ќе ја премине и орбитата на Земјата и, оттаму, ќе претставува закана за судир со нашата планета. Последиците од таков евентуален судир можат да бидат потешки од Чиксулубската катастрофа којашто се случила пред 65 милиони години, кога падот на 10-километарско вселенско тело на Карибите довело до изумирање на диносаурусите.
За среќа, Ерос засега се држи доволно далеку од Земјата. Во 1975 година тој се приближил до нашата планета на 22,6 милиони километри (околу една шестина од растојанието од Земјата до Сонцето), значи помалку за четири милиони километри отколку сега, а во јануари 2056 година ќе се приближи дури и поблиску – на 22,4 милиони километри. Од тогаш па до крајот на 22-от век, астероидот Ерос нема да минува поблиску од 27,3 милиони километри од Земјата.
Ерос на крајот од 20-от век беше првиот астероид на кој слета вселенско летало. Сондата на NASA, наречена NEAR (Near Earth Asteroid Rendezvous), лансирана во 1996 година, во 2000 година влезе во орбита околу Ерос и стана првиот вештачки сателит на астероидот, а во 2001 година, NEAR слета на неговата површина.
извор: „Макфакс“