Есенскиот бран кој енормно го зголеми бројот на ковид позитивни, не го одмина ниту Охрид, каде бројот на новодијагностицирани од опасниот коронавирус расте од ден на ден. Охридската општа болница која функционира како Ковид центар е речиси максимално оптоварена.
Во моментов во нашата болница се хоспитализирани 80 пациенти, од кои 70 се позитивни на Ковид 19. Покрај на инфективното одделение, болните и суспектни пациенти се сместени и на геријатриското и интерното одделение, а во моментов располагаме само со уште неколку кревети. – изјави за OhridNews д-р Горан Балевски директорот на Општата Болница – Охрид.

Во тој случај постои план Б кој предвидува специјализираната болница за кардиологија и останатите болници во градот да ги примаат болните со Ковид 19. – рече д-р Балевски.

Во врска со најавената модуларна болница, д-р Балевски изрази надеж дека таа ќе биде монтирана до крајот на оваа година. Апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита, да го чуваат своето и здравјето на другите, со што покрај себеси, ќе им помогнат и на лекарите и останатиот медицински персонал кој веќе девет месеци се бори со коронавирусот.
Во Охрид денеска се регистрирани нови 38 случаи на Ковид 19, со што вкупната бројка од почетокот на епидемијата во градот се искачи на 884, а бројот на активни случаи изнесува 357.
Г.М.











