Предвидено е Вевчани да го посетат Амбасадорот Аиво ОРАВ, Шеф на Делегацијата на ЕУ, Министерот за надворешни работи Никола Попоски, кои ќе бидат дочекани од страна на градоначалникот Цветомир Угриноски.
Жителите на Вевчани и околните места ќе имаат можност во непосредна комуникација со тимот од ЕУ автобусот да постават прашања поврзани со Европската Унија, пристапувањето на земјата во Унијата, можностите за искористувањето на фондовите од ИПА програмата и другите програми на ЕУ, како и за други активности поврзани со ЕУ во земјата.
Покрај тоа, жителите на Вевчани и останатите места од околината ќе може да добијат десеттина различни видови брошури на теми поврзани со ЕУ. Најмладите од ОУ Страшо Пинџур Вевчани ќе може да учествуваат во три наградни игри.
Целта на оваа активност, организирана од Делегацијата на Европската Унија е да се оствари директна комуникација со граѓаните од руралните области и на тој начин непосредно да се презентираат информации за ЕУ и да се образложат добивките и обврските кои произлегуваат од зачленувањето во Унијата.