Европската комисија денеска го усвои националниот Дигитален сертификат на Република Северна Македонија и истиот го смета за еквивалентен на Дигиталниот сертификат на ЕУ, информира Министерството за здравство. Северна Македонија, посочуваат, е прва земја во регионот за која сертификатите за Ковид-19 ќе се сметаат за еквивалентни на Дигиталниот сертификат на ЕУ.

Со ова се избегнуваат сите ограничувања во патувањата како што се дополнително тестирање или карантин. Во неопходни случаи, како што е заштитата на јавното здравје, земјите членки можат да преземат дополнителни мерки. Благодарение на оваа одлука ќе бидат укинати ограничувањата за патување за луѓето што ги примиле вакцините против Ковид-19 одобрени од ЕУ, соопшти Министерството.

Со оваа одлука се гарантира дека сертификатите за Ковид-19 издадени од Република Северна Македонија ќе се сметаат за исти со Дигиталниот сертификат на ЕУ за Ковид-19.

Нашата земја официјално е поврзана со системот на ЕУ со сертификатот за Ковид-19 издаден од нашите авторитети и ќе биде прифатен во ЕУ под истите услови како и Дигиталниот сертификат за ЕУ. Во пракса, носителите на овие сертификати ќе можат да ги користат под истите услови како и носителите на ЕУ Дигиталниот сертификат за вакцинација, појаснуваат во соопштението.

Одлуката на Европската комисија е признание за Република Северна Македонија за преземените активни чекори од наша страна со правилата на ЕУ во оваа насока и потврда за автентичноста и валидноста на чекорите кои се преземаат со цел заштита на здравјето на нашите граѓани, стои во соопштението.

OhridNews