Европската унија (ЕУ) бара почитување на правата на обвинетите и презумпција на невиност во акцијата „Пуч“, соопшти портпаролката на високата претставничка на Унијата за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини, Маја Коцијанчич, потврдувајќи дека Унијата е информирана од страна на македонското МНР за последните случувања во земјата и овој случај, пренесува „Макфакс“.
„Обвиненијата се однесуваат на наводна шпионажа и насилни закани насочени кон претставниците на Владата со цел поткопување на уставниот поредок. Ова се многу сериозни обвиненија и ние потсетуваме на неотуѓивото право за независна и транспарентна истрага во случај на било-какво наводно погрешно работење, целосно почитување на правата на обвинетите во согласност со законот и меѓународните стандарди, вклучувајќи го и принципот на презумпција на невиност. Исто така, ЕУ ја повторува својата загриженост во врска со влошувањето на политичкиот дијалог во земјата. Политичките партии треба да се воздржуваат од дејствија што уште повеќе ќе ја поткопа ситуација“, се вели во соопштението од дипломатската служба на ЕУ.
Во акцијата „Пуч“ која беше обелоденета во саботата, покренати се обвиненија против четири лица, вклучувајќи го и лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ Зоран Заев, потоа поранешниот директор на ДБК Зоран Верушевски, како и неговата сопруга.
OhridNews
извор:„Макфакс“












