Демократската Унија за Интеграција -ДУИ, изминатиот викенд во Охрид, одржа собир на кој беше промовирана кандидатската листа за членови на Советот на Општина Охрид, чиј носител е Мустафа Џафер.


На промоцијата присуствуваа заменик премиерот Муса Џафери и министерот за одбрана Талат Џафери.


Заменик премиерот Џафери, искажа задоволство од квалитетот на советничката листа на ДУИ во Охрид, која, како што рече, е комбинација на млади и искусни стручни лица кои можат да ја понесат одговорноста за понатамошен развој на градот.

-Програмските определби за кои советниците на ДУИ ќе се залагаат во советот на општината, ќе бидат активно подржани и од централната власт во која партиципира партијата, рече Џафери.


Министерот  Талат Џафери во своето обраќање истакна дека  Охрид и охриѓани ќе ја имаат подршката на партијата во решавањето на локалните проблеми, но за да се оствари тоа потрбно е ДУИ да има свој претставник во локалната власт.


Пред присутните се обрати носителот на листата за советници на ДУИ во Охрид, Мустафа Џафер. Тој ја презентираше изборната програм на ДУИ за општината Охрид, каде приоритет им се дава на урбанизацијата на реоните кои досега биле запоставени, изградба на спортска сала во населбата Воска, сочувување и промоција на културните вредности на Охрид, активирање на културно уметничкото друштво „Valet e jugut“ – (Јужни бранови), поголема регионална соработка  помеѓу трите крајезерски града Охрид, Струга и Поградец, заштита на животната средина и развој на туризмот , како и други проекти во интерес на граѓаните.


Промоцијата ја организираше изборниот штаб на огранкот на ДУИ во Охрид, чиј координатор е Екрем Каљоши.

OhridNews