Во Охрид како и во повеќе населени места од земјава, постојат низа недостатоци кои граѓаните на различен начин ги согледуваат. За туристичките работници и архитектите,  проблем претставува инфраструктурата и паркинзите, додека други сметаат дека е потребна поголема промоција на културните настани, занаетчиството, односно  развој на локалната економија и алтернативниот туризам.

Охридските архитекти сметаат дека градот треба да добие современ простор за одржување на културни настани. Според Игор Снегар, мора да се изготви проект со кој просторот кај Долни Сарај, кој во моментов е во лоша состојба, ќе ја оправда својата функцијата.

Освен тоа, сите сме свесни за историското минато на градот и за огромниот број на артефакти пронајдени не само во Охрид, туку и во пошироката околина. Неизбежно е да се предвиди и изгради современ музеј, со одделно конзерваторско одделение, во кој би се сместиле овие предмети и икони и на тој начин би се овозможила соодветната грижа, а во исто време би биле и подостапни за посетителите.“ – вели архитектот Игор Снегар.

Тој истакнува дека на градот му се потребни и низа други објекти, меѓу кои Младински културен центар, каде младите би можеле да се изразуваат слободно.

Ваквиот објект би вклучувал помала концертна сала, просторија за изложби, мултимедијална просторија за групно следење, дебатирање и дејствување на младите. Искрено се надевам дека некогаш ќе се оствари сонот, на планината Галичица да се изгради ски центар и на тој начин би оживеал градот и зимно време. Неизбежно е да се напомене проблемот со сообраќајниот метеж и недостигот на паркинг простор, кој би се ублажил со изградба на катна гаража.“ – додава архитектот Снегар.

Според актерот Никола Тодороски, на градот потребна му е жива уметност како театар, филм, стендап, кабаре, инсталации, изложби, концерти кои константно ќе привлекуваат луѓе и ќе го прават Охрид интересен.

Простори во кои без престан, секојдневно во текот на целата година ќе може да се создава уметност и култура. Центри, сцени, галерии, атељеа кои ќе се магнет за младите и кои ќе го убијат мртвилото и досадата преку година кога не сме во сезона. Не ги негирам манифестациите во кои формално поминуваме со малку рецитал, три музички нумери и играорна. Напротив потенцирам дека сеуште постојат во 21 век.“ – истакнува актерот Никола Тодороски.

Според Мишо Јузмески,  на Охрид му се потребни повеќе сегменти од областа на културното живеење, за да градот може да соодветно да се издигне.

Многу културни содржини за самите граѓани и туристите. Потребни се културни настани во текот на целата година. Не може да се живее само два месеца, а потоа 7-8 ништо да не се случува. Треба да има постојан континуитет, односно секојдневно да има настани од сите видови.“ – вели публицистот, новинар и фотограф Мишо Јузмески, 

Тој истакнува дека на градот неопходни му се различни музеи, како би можела да се прикаже целата историја, која во континуитет се случилувала на овие простори.

Етнолошки, историски, односно археолошки музеј. Сета она историја што се кажува дека постои во овие 8000 години, треба на едно место да биде видлива. Исто така, културни содржини и споменици кои ќе раскажуваат за минатот на Охрид.“  – додава Јуземски.

Угостителско-хотелските работници со заеднички став дека на градот му недостига соодветно сообраќајно поврзување со добра патна инфраструктура. Според Наум Бакрески, сопственик на хотел „Гарден“, едно од најбитните нешта е ставање во поголема функција на аеродромот крај Охрид, кој е не доволно разработен.

Исто така потребна е изградба на патна инфраструктура, односно изградба на соодветни патишта. На градот му недостига воден парк, односно голем цветен  парк со градина  и дрва. Околу хотелиерството, потребно е да се намалат цените на услугите, но за тоа најпрво треба да се регулираат високите цени на енергенсите.“  – вели сопственикот на хотел „Гарден“, Наум Бакрески.

Охридските занаетчии, како недостаток ја посочуваат стратегијата за промоција на градот. Сашо Богоески од Регионалната занаетчиска комора, смета дека на градот му фали поголема афирмација на занаетчиството за развој на алтернативниот туризам.

Преку цело лето да има саем  на занаетчиството, односно да се прикаже тоа што се изработува. И секако еден убав занаетчиски дуќан, исклучиво за рачно изработени производи. Тоа е примарната цел на комората и она што му фали на градот.“ – вели претседателот на Регионалната занаетчиска комора, Сашо Богоески.

Помладите охриѓани, пак, посакауваат институциите да имаат повеќе слух за нивните барања и проблеми, како што е изградба на спортски игралишта и рекреативни катчиња. Граѓаните се надеваат дека во догледно време, надлежните ќе ги земат предвид нивните размислувања, а дел од предложените проектите и ќе се остварат.

O.T.