Евентуалното продолжување на работното време на угостителските објекти, доколку советниците го изгласаат на утрешната седница, ќе важи за одредени празнични денови или период во кој се одржуваат манифестации, вели претседателот на советот на општина Охрид, Душко Јаковчески.

На прашањето- зошто ваквиот предлог се става како точка на дневен ред пред советниците сега, со оглед на тоа дека веќе изминува првата половина од туристичката сезона, Јаковчески објаснува- затоа што имаше неколку толкувања на последните измени на Законот за угостителска дејност, донесени во април годинава.

Имено, согласно измените, на градоначалникот на општината му се одзема правото, по негов предлог а со одобрение на советот, во летниот период да се продложува работното време на угостителските објекти за еден час.

Неодамна стигна ново толкување на законските измени, според кое на советот на општината му се дава можност, за време на одржувањето на одредени туристички, културни и други манифестации содржани во годишната програма, да може да го продолжи работното време на угостителските објекти за најмногу два часа, во времетраење од три дена. Што значи, на утрешната седница, доколку предлог- одлуката се прифати од советниците, точно ќе биде утврдено, во кои денови до крајот на годината, а поврзани со одржување на одредени манифестации, угостителските објекти ќе можат да работаат со продолжено време од два часа, вели Јаковчески.

Деновиве, пристигаат реакции од жителите на стар град, кои се противат на било какво продолжување на работното време на угостителските објекти. Тие бараат работното време на угостителските објекти во стариот дел на Охрид, не само да не биде продолжено, туку истото да биде скратено до 23:00 часот на плажите, а сите оние кои исполнуваат услови за работа како ноќни клубови да добијат работно време кое е пропишано со законите, како и да се почитува во целост законот за бучавост.

Т. К.