МЈП „Проаква“, денеска околу 12:30ч. остана без електрична енергија во управните згради во Охрид и Струга, а исклучени се и бунарите над Билјанини извори. ЕВН ја исклучи струјата на јавното претпријатие откако двете страни не постигнаа договор за сервисирање на долгот од 1 милион евра.
Управната зграда на „Проаква“ во Охрид остана без струја

Директорот на јавното претпријатие посочи дека 90% од долгот кон ЕВН се однесува на потрошена електрична енергија за колекторот за заштота на Охридското Езеро кој е од државен интерес, но владата не партиципира во подмирувањето на трошоците. Трпчески информираше дека во моментов „Проаква“ има ненаплатен долг за потрошена вода од 4 милиони евра, од што половината отпаѓа на граѓаните. Со таков однос кон водата како општо добро не можеме да очекуваме дека ќе немаме вакви проблеми, рече Трпчески.
Тој не знаеше колку долго „Проаква“ ќе биде без струја но доколку тоа потрае може да падне притисокот во пумпите и да престане водоснабдувањето на градот. Сепак Трпчески очекува дека ќе се изнајде решение за проблемот и нема да дојде до такво нешто.
Во меѓувреме „Проаква“ продолжи со исклучување на должниците. По студентскиот дом, центарот за култура и Македонија пат, без вода остана и управната зграда и механизацијата на општата болница.
Горан Момироски













