ЕВН Македонија ја организираше едукативната програма  „Со ќерките на работа“ преку која децата на вработените се запознаа со дејноста на компанијата и работното место на своите родители.

Над 100 вработени во ЕВН, на работа дојдоа со своите ќерки, кои имаа можност да видат како минува работниот ден на нивните родители.

-Инженери, правници, економисти, менаџери, електромонтери и други профили на вработени во компанијата, на своите деца им ги презентираа работните задачи кои тие ги извршуваат. Во првата фаза на овој едукативен проект, засега беа опфатени само женските деца, бидејќи статистиката покажува дека кај нив има помалку интерес за техничките професии, информираат од ЕВН Македонија.

Девојчињата на возраст меѓу 8 и 18 години, поделени во неколку возрасни групи изработуваа проекти, со што се уверија дека техничите професии не се само привилегија на момчињата.

-Оваа програма на најмладите учесници им овозможува да се запознаат со техничките науки и да развијат интерес за нив, а на поголемите повеќе информации пред носењето на одлуката каде ќе го продолжат своето образование, објаснуваат од компанијата.

Ваквите интерактивни активности и партнерства им помагаат на вработените да ги насочат децата кон иднината за која тие сонуваат и да ја откријат важноста и можностите на балансот меѓу работата и семејниот живот.

„Со ќерките на работа“ е проект за првпат креиран во 1992 година во Њујорк, САД. Првата официјална прослава на денот е организирана во април 1993 година  и од тогаш 37 милиони деца од целиот свет учествуваат во овој проект. Неколку години подоцна во проектот се вклучени и момчињата, па така прославата на овој ден станува интернационална непрофитабилна програма во САД, Канада и Австралија.

OhridNews